Најмалку 12 лица загинаа на или во близина на аеродромот во Кабул откако Талибанците го зазедоа градот и граѓаните побрзаа да го напуштат Авганистан, соопштија Талибанците.
Причина за нивната смрт биле испукани куршуми или стампедо, рече претставникот на Талибанците и ги повика граѓаните кои сѐ уште се собираат пред портите на аеродромот да си одат дома доколку немаат правилни патни исправи, пренесува Ројтерс.
Аеродромот во Кабул сега е под контрола на околу 4.500 американски војници, но сите патишта што водат до терминалот ги контролираат Талибанците, кои ги спречуваат Авганистанците да стигнат до аеродромот од каде западните земји ги евакуираат своите граѓани и локални соработници.
Според очевидци, Талибанците спречиле луѓе да влезат во комплексот аеродром, дури и оние кои ги имаат потребните патни исправи.
Самите Талибанци признаа дека пукале во воздух за да ги растераат насобраните луѓе пред аеродромот, но еден од нивните неименувани службеници за Ројтерс изјавил дека „немаат намера да повредат некого“.

