Еден од главните експерти на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан изјави дека почетокот на употребата на вакцината против коронавирусот треба да му даде на светот „значителна контрола над вирусот следната година“.
– Животот на кој сме навикнати пред пандемијата – мислам дека е многу, многу возможен повторно, но мора да продолжиме да одржуваме хигиена, физичко растојание. Вакцините не значат дека нема да имаме случаи на корона. Сепак, ставањето на вакцината во игра ќе ја турне кривата, ќе стави крај на рестриктивните мерки и ќе ни даде контрола над болеста, рече Рајан.
Тој додаде дека е потребна свесност за тоа дека „мора да ја намалиме шансата короната да продолжи да се шири“.
– Советувам голема претпазливост за време на новогодишните празници. Во Ирска, од каде што сум, во кујна знаат да се соберат 15 луѓе кои лупат компири и заеднички подготвуваат оброци за Божиќ. Тоа сега не смееме да го правиме, додаде Рајан.
Јасмина Тасевска