Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека израелската воена офанзива врз Рафах во јужниот дел на Газа ќе предизвика „незамислива катастрофа“ и ќе го доведе здравствениот систем на енклавата поблиску до работ на колапс.
„Воените активности во оваа густо населена област, се разбира, би биле неразбирлива катастрофа и дополнително би ја прошириле хуманитарната катастрофа до незамисливи размери“, рече Ричард Пајперкорн, претставник на СЗО за Газа и Западниот Брег.
Тој додаде дека воените активности ќе го зголемат товарот на целосно преоптоварен здравствен систем кој е „на колена“ и ќе го турнат „на работ на колапс“, според Ројтерс.
Пајперкорн рече дека способноста на СЗО да дистрибуира медицинска помош во Газа е ограничена бидејќи многу од нејзините барања за набавки биле одбиени.
Тој рече дека само 40 отсто од мисиите на СЗО во северниот дел на Газа биле одобрени од израелските власти од ноември, а таа бројка е значително намалена од јануари.
„Сите овие мисии се одбиени, спречени или одложени“, рече Пајперкорн, додавајќи дека е „апсурдно“ што се одобрени само 45 отсто од барањата на СЗО за мисии во јужниот дел на Газа, пренесе Бета.
Израел претходно негираше дека го блокирал влезот на помошта во палестинската енклава, според Ројтерс.
Израелската војска претходно соопшти дека сака да ги отстрани исламистичките милитанти од нивните засолништа во Рафах и да ги ослободи заложниците што ги држат таму откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, но не објави повеќе детали за предложениот план за евакуација на цивили за време на операцијата.
Повеќе од еден милион Палестинци се наоѓаат во Рафах, на јужниот крај на Појасот Газа, на границата со Египет, каде што многумина живеат во шаторски кампови и импровизирани засолништа откако избегаа од израелското бомбардирање на другите делови на енклавата.