И покрај намалувањето на пушењето тутун, младите Европејци се охрабруваат сè повеќе да користат електронски цигари и нови ароматизирани производи со никотин, предупреди Одделот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европскиот регион, објави веб-страницата на Euronews.
Според нов извештај, 53 земји во Европа и Централна Азија ќе останат дел од светот со највисока потрошувачка на тутун до 2030 година.
„Употребата на тутун веќе предизвикува повеќе од 1,1 милион смртни случаи од незаразни болести секоја година во европскиот регион, а без забрзана акција ќе бидеме најлошо рангираниот регион во светот во 2030 година“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Во 2024 година, околу 173 милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО биле корисници на тутун.
„Имаме одговорност да го промениме курсот сега, да ги заштитиме младите луѓе од зависност од никотин, да спречиме мешање на индустријата во здравствената политика и да спроведеме регулативи што ќе спречат доживотна штета што може да се избегне“, рече Клуге.
Се проценува дека четири милиони деца на возраст од 13 до 15 години користат тутунски производи во европскиот регион.
За СЗО, најитниот предизвик е ограничување на зголемувањето на употребата на електронски цигари, бидејќи 14,3 проценти од децата на возраст од 13 до 15 години ги користат, а стапката е речиси идентична кај момчињата и девојчињата.
Меѓу возрасните, со околу 31,4 милиони корисници, Европа е втора во светот по употреба на електронски цигари, веднаш зад Северна и Јужна Америка.
Европскиот регион е единствениот во светот за кој не се очекува да ја исполни целта за намалување на употребата на тутун кај жените за 30 проценти до 2025 година.
Достапните податоци предвидуваат пад од само 12 проценти од 2010 година.
Повеќе од 40 проценти од возрасните жени пушачи во светот – околу 62 милиони – живеат во европскиот регион, со преваленца на пушење од 17,2 проценти, што е речиси двојно повеќе од следното највисоко ниво од 9,1 процент во двете Америки.
Тој тренд се рефлектира кај електронските цигари.
Во речиси половина од земјите со достапни податоци, забележа СЗО, преваленцата на употреба на електронски цигари беше поголема кај девојчињата отколку кај момчињата.
„Тоа не е случајност, туку е резултат на намерна индустриска стратегија насочена кон младите луѓе со ароматизирани производи и софистициран маркетинг на социјалните медиуми“, рече Клуге.
Тој додаде дека Белгија, Данска и Холандија докажуваат дека е можно да се спротивстави на ова со регулирање на нови производи, забрана на вкусови и ограничување на рекламирањето.
„Секоја земја во европскиот регион треба да го стори ова за да ги заштити идните генерации“, рече Клуге.
Европската унија ги таргетира тутунските производи со нов сет европски даноци, а Шпанија презема чекори за заострување на правилата за тутун, казнувајќи ги родителите ако нивните малолетни деца пушат.
СЗО забележа дека меѓу 53 земји во европскиот регион, само 18 имаат закони за забрана на пушење што ги опфаќаат сите јавни простори.
Некои – Франција, Финска, Италија и Шведска – наметнуваат ограничени забрани за плажи, училишта и паркови.
Во Европската унија продолжуваат преговорите за ревизија на Директивата за оданочување на тутунот.
Сепак, првичниот предлог на Европската комисија за зголемување на даночните стапки до 2028 година, вклучително и за електронските цигари и вејпови, се соочува со отпор од земјите-членки и потенцијално одложување на воведувањето на тие мерки.

