Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека секој петти човек во светот ќе заболи од рак, додека еден од девет мажи и една од 12 жени ќе умре од некоја форма на малигна болест.
Според проценките на СЗО, 53,5 милиони луѓе живеат со дијагноза на малигни тумори, направени во последните пет години, а се проценува дека до 2050 година бројот на новодијагностицирани случаи на рак во светот ќе се зголеми за 77 отсто, објави Институтот.
И во развиените и во неразвиените земји апсолутниот број на нови случаи на рак ќе се зголеми, при што бројот во развиените земји ќе се зголеми за 4,8 милиони случаи до 2050 година, додека порастот во неразвиените земји ќе биде 142 проценти, а во средно развиените земји 99 проценти.
Според последните проценки на СЗО и Меѓународната агенција за истражување на ракот за 2022 година, инциденцата на малигни заболувања во светот е зголемена на речиси 20 милиони луѓе, а во 2022 година се регистрирани 9,7 милиони смртни случаи од сите локализации на малигни тумори.
Ракот на белите дробови, дојката и дебелото црево, се водечки локации на рак во однос на инциденцата и смртноста.
Ракот на белите дробови е најчесто дијагностициран малигнен тумор и сочинува 12,4 отсто од сите нови случаи на рак и 18,7 отсто од сите смртни случаи од рак кај двата пола.
Кај жените, најчесто дијагностициран малигнен тумор по ракот на белите дробови е ракот на дојката, кој сочинува 11,6 отсто од сите новодијагностицирани случаи.
Меѓу најчестите случаи на рак се ракот на дебелото црево – 9,6 отсто, ракот на простата – 7,3 отсто и ракот на желудникот, кој сочинува 4,9 отсто од сите нови случаи на рак во светот кај двата пола.