СВР Куманово ги едуцираше дечињата во градинките за безбедноста во сообраќајот (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово во соработка со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата започна едукативна кампања во седумте клона на кумановската градинка „Ангел Шајче“.

Целта на ваквите активности е да се едуцираат и најмалите за безбедноста во сообраќајот.

– Отсек за превенција секоја година започнува во овој временски период и практично со оваа генерација на дечиња кои се во градинка и во голема група завршуваме некаде до месец јуни. За разлика од претходните години, оваа година планиравме повеќе активности меѓу кои првично едукативниот дел, со секоја група од градинките, согласно протоколите и мерките за заштита кои се на сила во овој период, во помали групи на дечиња, во сите седум клона, изјави началникот на Отсекот за превенција Виолета Богдановска.

 

 

Вториот дел од кампањата, како што појасни Богдановска, ќе опфатат практични движења на терен, односно како дечињата правилно да преминуваат на пешачки премин и семафор.

– Понатаму ќе следуваат  практични движења на терен, на пешачки и семафор, во придружба на полициски службеници и учење за сообраќајните правила и прописи. Ќе има внатре во градинките натпреварувања за избор на тим и меѓу сите клонови согласно возраста на децата ќе има награди за сето тоа и крајот да го завршиме со возење на велосипеди. Едниот дел е меѓу самите градинки возење на велосипед на соодветно место и избор на најдобри и помеѓу самите клонови и градинки во полициска придружба возење на велосипеди, појасни началникот Богдановска.

Секое дете кое ќе учествува во проектот ќе добие чаша за млеко со мотиви од областа на сообраќајот, а градинките добија 30 флуоресцентни елечиња кои ќе може да ги користат и кога самите изведуваат настава надвор од објектот.

– Всушност целта е од помала возраст градење на сообраќајна култура и учење дека сообраќајните правила и прописи треба да се почитуваат за безбедност на сите, а воедно градење доверба меѓу полициските службеници како пријатели и луѓе кои се грижат за безбедност и заштита на деца во сите сегменти на секојдневното живеење, посочи Богдановска.

Верица Митровска, главниот воспитувач во објектот „Детелинка“ вели дека на дечињата повеќе им недостасува практичниот дел од ваквите знаења, што со овој проект ќе го добијат.

– Дечињата се запознаени со основните сообраќајни правила како што е движење по тротоарите, поминување улица, затоа што секојдневно и во приказните имаме активности за таа намена, тие се запозанени со тоа. Недостасува теренскиот дел, надвор да излезат од градинка, сите се возат со автомобили, никој не оди пеш и не знаат ни да се движат правило, така да ги поздравувам СВР што обезбедија и теренски активности за да ги покажат нивните вештини и знаења во областа на сообраќајот, изјави Митровска.

Вели дека за пофалба е тоа што во активноста има и учење за тоа како дечињата да се однесуваат кон луѓе што ќе ги сретнат на улица, зависно дали ги познаваат или не, затоа што, вели, тие им веруваат на возрасните, а не треба секогаш да им веруваат.

Никола Ивановски / Стефан Младеновски