Кумановскиот театар утре ќе го одбележи 27 март, Светскиот ден на театарот со претставата „Мојата ти“ која ќе започне во 20 часот.
Влезот за граѓаните ќе биде слободен, а ќе се прочитаат и театарските пораки од Југослав Петровски од Македонија и една светска меѓународна порака кои традиционално се испраќаат секоја година.
Како што информираште директорот на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски, годинава театарот ќе има и неколку нови премиери.
– Според годишната програма одобрени се пет претстави, три на македонски јазик и две на албански. Исто така во октомври планираме да направиме и една наша комедија по повод „Денови на комедија“, очекуваме и две детски претстави до крајот на годината да реализираме бидејќи детската претствата „Малата сирена“ доживеа огромен успех, така што очекуваме богата продукција во кумановскиот театар оваа година. Пет се финансирани од министерството за култура, а две ние ќе финансираме, изјави Тодоровски.
По повод 500 години, со средствата од наградата Град на културата, театарот ќе ја подготви и претставата „Ленче кумановче“ каде ќе играат актери од Куманово и истата ќе биде на отворено или на самото затварање на фестивалот „Денови на комедија“.
– Имаме посетеност на претставите, кумановската публика сака театар и ќе очекуваме во наредниот период да ја зголемиме посетеноста, рече Тодоровски.
Скоро 80 отсто од билетите се распродадени за секоја претстава, а има и такви за кои секогаш се бара влезница повеќе.