Можеби звучи како болест од минатото, но туберкулозата (ТБ) претставува проблем и денес. Како и со сите здравствени состојби, превенцијата е секогаш подобра од лек.
Иако не постои сигурен начин целосно да се спречи ширењето на туберкулозата во овој момент, постојат голем број мерки што може да се преземат за да се намали ширењето на оваа болест.
Туберкулозата е излечива болест што ја предизвикува инфекција со бактеријата Mycobacterium tuberculosis. Болеста обично ги оштетува белите дробови, но некогаш може да оштети и други делови од телото, на пример, лимфните жлезди, бубрезите, коските, итн.
BcG вакцината штити од тешки форми на туберкулоза и е безбедна и ефикасна, особено за децата.
⭕ Како се пренесува туберкулозата?
Лицето кое ја има активната форма на болеста во белите дробови може да ја пренесе низ воздухот на другите лица со кои е во близок контакт.
Кога заразените со активна форма на болеста кашлаат, киваат или плукаат, исфрлаат бацили-микроби на ТБ во воздухот. Едно лице е потребно да вдише само неколку од овие бактерии за да биде заразено.
„Активна“ значи дека микробите на ТБ се размножуваат и се шират во вашето тело. Затоа, лекарите ги советуваат оние кои имаат активна туберкулоза да останат дома и подалеку од другите луѓе колку што е можно повеќе, се додека не бидат повеќе заразни за околината.
Околу една четвртина од светската популација има латентна ТБ, што значи дека луѓето биле заразени со ТБ бактерии но сѐ уште не се заболени од оваа болест и не можат да ја пренесат истата.
⭕ Како да ја препознаете?
Кога некое лице развива активна болест на ТБ, симптомите како треска, кашлица, ноќно потење или губење на тежина можат да бидат лесни-непрепознатливи неколку месеци.
⭕ Како да го спречиме пренесувањето?
Ако имате активна форма на туберкулоза, мора веднаш да се лекувате. Ова може да вклучува земање на поголем број на антибиотски лекови во времетраење од 6 до 12 месеци. Важно е да ги земате сите лекови, како што ви се препишани од вашиот лекар, во текот на целиот временски период – дури и ако се чувствувате подобро.
Ако имате латентна ТБ, не можете да ја пренесете болеста на други, но, вашиот лекар сепак може да препорача да земате лекови за да ги спречите бактериите да станат активни.
Следете ги овие совети за да спречите другите да заболат од ТБ во текот на првите неколку недели од третманот или додека лекарот не каже дека повеќе не сте заразни:
Земајте ги сите лекови редовно како што ви се препишани, се додека лекарот не одлучи да ја прекине терапијата
Одете на редовни контроли кај вашиот лекар
Секогаш покривајте ја устата со марамче кога кашлате или кивате.
Измијте ги рацете по кашлање или кивање.
Не посетувајте други луѓе и не ги повикувајте да ве посетат.
Останете дома. Не одете на работа, училиште или други јавни места.
Користете вентилатор или отворени прозорци за да се движи свеж воздух низ просторијата во која престојувате.
Не користете јавен превоз.
Интегрално соопштение: Министерство за здравство