Бројот на случаи на инфекција со Ковид-19 ширум светот се зголеми деветта недела по ред, додека бројот на смртни случаи расте веќе шеста недела по ред.
Ова го изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО) на информативната сесија за земјите членки.
„Повеќе случаи на Ковид19 се пријавени ширум светот во последните две недели отколку во првите шест месеци од пандемијата. Во последните неколку недели, земјите во сите региони на СЗО покажаа постојан нагорен тренд на бројот на случаи на инфекција и смртност. Не е време да се спушти штитот, дури и во земјите каде што бројките паѓаат“, додаде тој, пренесува Гласот на Америка.
Од почетокот на пандемијата, повеќе од 3,2 милиони луѓе починале од Ковид 19, според Универзитетот Џон Хопкинс.
Најголем број на смртни случаи има во САД – повеќе од 580.000. Бразил брзо и се приближува на Америка со скоро 417.000 смртни случаи, следена од Индија со 230.000 смртни случаи.
Според институтот Џон Хопкинс, досега се регистрирани 155,6 милиони инфекции во светот.
САД се први на таа листа со 32,6 милиони заразени, Индија е втора со 21 милион, а Бразил е трет со 15 милиони.