Кревкоста на светската безбедност не е видена од Втората светска војна и потребна е подготвеност за компромис за да се избегне нов глобален конфликт, објави руската агенција РИА, повикувајќи се на изјавата на Сергеј Наришкин, шефот на руската разузнавачка служба СВР.
„Светот моментално поминува низ најкревкиот период за меѓународната безбедност од Втората светска војна – тоа е фаза на квалитативна трансформација на глобалниот поредок“, го цитираше РИА Наришкин, пишува Ројтерс.
Наришкин рече дека постои „жестока борба“ меѓу најголемите глобални и регионални центри на моќ за дефинирање на правилата на идниот светски поредок.
„Нашата заедничка, а можеби и главна задача, е да обезбедиме прилагодувањето кон новата реалност да се одвива без голема војна, како што се случи во претходните историски фази“, рече Наришкин.
Тој, исто така, го повтори вообичаениот став на Кремљ дека администрацијата на претседателот Володимир Зеленски го попречува мировниот процес во Украина.
Русија ја започна војната во Украина со целосна инвазија на земјата во февруари 2022 година.