По повеќето активности и настани организирани претходниве месеци, Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) утревечер, со Свечена академија во Македонскиот народен театар, ќе го заокружи одбележувањето на јубилејот – 70 години постоење.
ФЗНХ е водечка институција во македонското високото образование од областа на земјоделството седум децении. Тој е и една од најстарите високообразовни институции во Македонија која заедно со Медицинскиот и Филозофскиот факултет го основа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
ФЗНХ почна со работа во 1947 година како Земјоделско-шумарски факултет. Дваесет и осум години подоцна, од него се издвоија два независни факултета, Земјоделски и Шумарски.
Земјоделскиот факултет во 2004 година е преименуван во Факултет за земјоделски науки и храна – Скопје.
На ФЗНХ досега дипломирале 7.811 студенти, 506 магистри, 259 доктори на науки и 117 специјализанти.
Како што вели во разговор за МИА деканот Вјекослав Танасковиќ, основна мисија на Факултетот е квалитетна подготовка на универзитетски образован кадар кој ќе одговори на современите трендови во земјоделското производство.
– Целта е да понудиме образование преку кое ќе се создаде профил со академски знаења и вештини потребни за профитабилно земјоделско производство и управување со природните ресурси, да се обезбеди научен персонал за успешно спроведување научна работа во областа на земјоделството, храната и животната средина, да се спроведуваат принципите на Болоњскиот образовен систем што значи формирање модел на европско образование, модернизација, трансфер на технологија преку интензивна соработка со производителите, преработувачката индустрија и сродните институции во државата и пошироко, истакнува Танасковиќ.
Факултетот, додава деканот, е цврсто решен да ги следи модерните трендови на високото образование.
ФЗНХ денес располага со шест амфитеатри за 680 студенти, 29 предавални, девет специјализирани лаборатории, 40 простории за експериментална работа, 100 простории за настава и административна работа, 11 простории во Деканатот, две конференциски сали, една сала за визитинг професори, две компјутерски простории, библиотека и простор за Студентската организација.
Со реорганизацијата на УКИМ и промените во Законот за високо образование од 2008 година, дванаесет катедри се интегрирани во шест институти.
Во рамки на годинашниот јубилеј – седум децении постоење, ФЗНХ во откомври го организира третиот Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна – ISAF 2017 на кој учествуваа преку 400 научници и експерти од областа на земјоделството и храната од 26 земји. Ова беше продолжување на традиционалната средба Факултет-Стопанство, што се одржа 39. пат.
Извор: МИА