Супертајфунот Рагаса, најмоќниот тропски циклон оваа година, го погоди Хонг Конг со ветрови со сила на ураган и обилни дождови, додека поплавите однесоа 14 животи во Тајван.
Супертајфунот Рагаса, најсилниот тропски циклон во светот оваа година, го погоди Хонг Конг во среда со ветрови со сила на ураган до 200 км/ч и обилни врнежи од дожд, додека обилните дождови во Тајван доведоа до смрт на 14 лица, пишува Ројтерс.
Во регионот Хуалиен во источен Тајван, браната се прелеа и „испушти“ бран вода во блискиот град, соопшти противпожарната служба на Тајван.
Од понеделник, островите се под влијание на надворешниот раб на тајфунот Рагас, кој донесе обилни врнежи од дожд низ целата територија.
Во Хонг Конг, огромни бранови ги поплавија источните и јужните брегови на градот, потопувајќи некои патишта и станбени згради.
На југот од островот, во хотелот Фулертон, видеата на социјалните медиуми покажаа морска вода како ги пробива стаклените врати и ја поплавува внатрешноста.
Во густо населениот Цеунг Кван О, изграден претежно на насипано земјиште, големи бранови потопија делови од шеталиштето покрај високите станбени згради.
Оддалечените острови, вклучувајќи го и Лантау каде што се наоѓа меѓународниот аеродром, пријавија поплави што ги покриле плажите и вегетацијата.
– Областите што претходно беа заштитени може да станат изложени, морето ќе биде немирно со силни бранови – предупреди метеоролошката опсерваторија.
Рагаса ќе се приближи до Хонг Конг околу 100 километри јужно од густо населената територија во наредните часови, одржувајќи го интензитетот на супертајфунот додека се движи кон брегот на кинеската покраина Гуангдонг, која има население од повеќе од 125 милиони. Се очекува да стигне до копното од пладне во среда.
Тајфунот помина низ северните делови на Филипините во понеделник, а го погоди Тајван во вторник.
Во Хонг Конг, тајфунот предизвика панично купување, при што граѓаните се собираа во супермаркетите, ги празнеа полиците, а во некои случаи чекаа со часови за да купат основни производи, плашејќи се дека продавниците би можеле да бидат затворени два дена.
Како што се приближуваше бурата, жителите ги залепија своите прозорци со селотејп со надеж дека ќе го намалат ризикот од оштетување од скршено стакло.
Хонг Конг издаде сигнал за тајфун број 10 рано во среда, највисокото ниво на предупредување кое наредува затворање на бизниси и прекин на јавниот превоз.
Властите, исто така, издадоа жолто предупредување за бура бидејќи се очекува обилните дождови да продолжат, а некои улици веќе се делумно поплавени, објави „Саут Чајна Морнинг Пост“.
Предупредено е за зголемување на нивото на морето кое може да биде слично на она што се гледа за време на тајфуните Хато во 2017 година и Мангхут во 2018 година, кои предизвикаа штета од повеќе милијарди долари.
– Нивото на водата ќе го достигне својот максимум околу пладне, генерално до околу четири метри – објави опсерваторијата.
Според SCMP, жена и нејзиниот петгодишен син биле однесени од морето додека го гледале тајфунот од брегот во вторник.
По спасувањето, двајцата се на интензивна нега.