Европската комисија погрешила кога одбила да ги објави текстуалните пораки на Урсула фон дер Лајен со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурл, во екот на пандемијата на коронавирусот, пресуди Судот на правдата на Европската Унија, објави Политико.
Новинарите бараа увид во тајните пораки меѓу претседателката на Комисијата и шефот на фармацевтската компанија, кои ги размениле во пресрет на склучувањето на договорот за вакцини вреден повеќе милијарди долари меѓу Фајзер и ЕУ.
Оваа пресуда би можела да има големи последици врз транспарентноста и одговорноста во ЕУ и претставува сериозен удар врз угледот на Урсула фон дер Лајен.
„Комисијата не даде веродостојни објаснувања“
Во соопштението за медиумите, Општиот суд на Европската Унија изјави дека Комисијата не успеала убедливо да објасни зошто верува дека текстуалните пораки разменети во контекст на набавката на вакцината против коронавирусот не содржат важни информации.
Постоењето на тие пораки, кои Комисијата првично не ги потврди, беше откриено во интервју што фон дер Лајен го даде за „Њујорк тајмс“ во 2021 година.
Сепак, извршната власт на ЕУ му рече на суд во Луксембург за време на сослушувањето минатата година дека нивната содржина не е доволно значајна за да се смета за документи и затоа не се регистрирани или достапни за новинарите.
„Комисијата не може само да тврди дека ги нема бараните документи, туку мора да даде веродостојни објаснувања што ќе им овозможат на јавноста и на Судот да разберат зошто овие документи не можат да се најдат“, се вели во соопштението на судот.