Борбите продолжија во Судан и покрај тоа што паравоената група Сили за брза реакција (РСФ) се согласи на прекин на огнот за време на Рамазан Бајрам.
Бомбардирање и гранатирање беа пријавени во неколку области во Картум, откако примирјето требаше да започне во 6 часот наутро.
Суданската војска не го коментираше потенцијалниот прекин на огнот што доаѓа откако ОН објавија дека околу 20.000 луѓе го напуштиле Судан поради конфликтот, објави денеска Гардијан.
Од РСФ велат дека се согласиле на тридневниот прекин на огнот од хуманитарни причини, и покрај извештаите за континуирано насилство откако примирјето требаше да стапи на сила.
Примирјето се совпаѓа со празникот Рамазан со цел да се отворат хуманитарни коридори за евакуација на граѓаните, се вели во соопштението на РСФ објавено утринава.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и американскиот државен секретар Ентони Блинкен одвоено повикаа на прекин на огнот од најмалку три дена по повод одбележувањето на Бајрам во оваа претежно муслиманска земја.
Има спротивставени податоци за бројот на жртвите во конфликтите во Судан, но сите извори зборуваат за неколку стотици загинати.
Светската здравствена организација наведува дека во судирите меѓу суданската армија и паравоените единици загинале 330 лица, а 3.200 се повредени.
Централниот комитет на суданските лекари истовремено извести за најмалку 198 цивилни жртви и повеќе од 1.000 повредени.
Во Судан од саботата траат судирите, кои избувнаа по неколкудневна тензија околу патоказот за транзиција на земјата во цивилно владеење, потсетува Ројтерс.
Еден од главните проблеми е планот за интегрирање на РСФ со своите 100.000 членови во суданската армија и назначувањето на лидерот на новите воени сили.
Договорот требаше да биде потпишан на почетокот на април.