Шпионска мрежа поврзана со Русија, која оперирала надвор од Велика Британија, се обидела да користи напредна опрема за надзор за да ги надгледува и компромитира мобилните телефони на украинските војници кои биле на обука во американската воена база во Германија.
Оваа операција, која беше прекината дури по апсењето на осомничените, можела сериозно да ја загрози украинската одбрана, изјавија претставници на обвинителството на судењето.
Меѓу обвинетите се Катрин Иванова (33), Вања Габерова (30) и Тихомир Иванчев (39), сите бугарски државјани со живеалиште во Велика Британија, кои негираат учество во шпионски активности.
Иванова ги отфрла и обвинувањата за поседување неколку лажни лични документи, пишува Би-Би-Си.
Двајца други осомничени, Орлин Русев (46) од Грејт Јармут и Бисер Замбазов (43) од Лондон, веќе признаа заговор за шпионирање.
Според обвинителството, Русев бил главен организатор, а инструкции добивал од Австриецот Јан Марсалек, за кој се тврди дека работел како руски агент.
Пред судот беше откриено и дека мрежата планирала да организира протест пред амбасадата на Казахстан во Лондон, користејќи лажна свинска крв.
Покрај тоа, шпионската мрежа размислуваше да го компромитира синот на казахстанскиот претседател, сојузник на Русија, преку „deep fake“ порно видео снимки или обиди да го намами во „љубовна замка“.
Целта, тврдат од обвинителството, била да се добие наклонетоста на казахстанскиот претседател со создавање проблеми кои потоа сами ќе ги „решат“.
Шест операции во служба на Русија
Обвинетите се обвинети за учество во шест различни операции од кои, според обвинителството, директна корист имаат Русија.
Една од операциите беше насочена кон Бергеј Рискалиев, поранешен казахстански политичар кој живее во егзил во Велика Британија.
Тие, наводно, го следеле користејќи црни кабини, камиони за испорака на храна и лажни возила на NHS.
Друга операција беше насочена кон амбасадата на Казахстан и синот на казахстанскиот претседател, додека третата вклучуваше софистициран обид за шпионирање на украинските војници во американската воена база во близина на Штутгарт.
Според обвинението, мрежата планирала да користи софистицирани методи за собирање податоци од мобилните телефони на украинските војници.
Овој податок би овозможил лоцирање на украинските системи за противвоздушна одбрана на теренот, со што Русија би добила значителна предност на бојното поле.
Последното обвинение се однесува на планот за киднапирање или убиство на рускиот дисидент Кирил Качур.
Црвениот врабец
Пред судот беше објавено и дека шпионската мрежа спроведувала сложени активности за надзор под водство на шпион со кодно име Црвениот врабец.
Обвинителството тврди дека нема сомнеж дека операциите навистина се случиле, а илјадниците пораки кои се собрани откриваат детали за нивното спроведување.
Двајца од обвинетите Русев и Замбазов веќе ја признаа вмешаноста.
Сепак, останува прашањето колку Иванова, Габерова и Иванчев биле свесни за природата на нивните активности, пишува Би-Би-Си.
Сите тројца ги негираат обвиненијата, а судењето продолжува.