Субвенции за реконструкција на фасади и кровови на станбени згради во Општина Куманово

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово објави јавен повик за субвенционирање на поставување енергетски ефикасни фасади и реконструкција на кровови на станбени згради за колективно домување.

Loading...

Оваа иницијатива е дел од проектот „Енергетски ефикасни домови“ и има за цел да ја подобри енергетската ефикасност, да ги намали трошоците за греење и ладење, и да го подобри квалитетот на живеење во урбаните средини.

Субвенцијата што ја нуди Општината изнесува 30% од вкупната вредност на инвестицијата, но не повеќе од 500.000 денари по апликација. Преостанатите 70% од средствата треба да бидат обезбедени од самите сопственици на станови, преку сопствено финансирање, резервен фонд или кредитирање.

Право на аплицирање имаат заедниците на сопственици и сопствениците на посебни делови од станбените згради што се наоѓаат на територија на Општина Куманово и се постари од 25 години. За да се стекнат со право на субвенција, потребно е најмалку 70% од станарите да се изјаснат за учество во проектот, а 80% од нив да дадат писмена согласност за обезбедување на сопствените средства.

Дополнителни услови се згради со најмалку два ката со приземје, регистрација на заедницата на сопственици, активен управител и подготвена техничка документација. Рокот за аплицирање изнесува 20 дена од денот на објавување на повикот.

Апликациите со потребната документација се доставуваат во затворен плик во Архивата на Општина Куманово, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, или по пошта на адреса: ул. 11-ти Октомври бб, 1300 Куманово, со назнака „За Јавен повик за субвенционирање и поддршка на проектот „Енергетски ефикасни домови“ во Општина Куманово“.

Дополнителни информации можат да се добијат на телефонскиот број 071/226-237 или на е-поштата: [email protected]. Обрасците за аплицирање се достапни на веб-страницата на Општина Куманово: kumanovo.gov.mk.

Оваа мерка претставува значаен чекор кон унапредување на одржливиот урбан развој и директна поддршка на граѓаните во намалувањето на енергетските трошоци.

Loading...

Никола Ивановски