Студентските протести на американските универзитети продолжија и во текот на викендот, но и апсењата на полицијата.
Студентите не се откажуваат и најавуваат дека ќе останат во шаторските кампови до исполнување на нивните барања.
Барањата на студентите се движат од прекин на огнот во израелската војна со Газа, до повици до универзитетите да престанат да инвестираат во израелски компании поврзани со војската и да ја прекинат американската воена помош за Израел.
Пропалестинските протести се проширија на универзитетските кампуси низ САД по масовното апсење на повеќе од 100 луѓе во кампусот на Универзитетот Колумбија пред десет дена.
Кампусот на Колумбија беше мирен во саботата и нема извештаи за апсења поврзани со немирот во текот на ноќта, изјави портпаролот на училиштето за Ројтерс.
За време на протестот против војната во Газа на Универзитетот во Индијана беа уапсени 23 студенти, додека во Бостон 103 демонстранти, соопшти американската полиција.
Студентите на повеќе од 40 универзитети и колеџи во САД и Канада, вклучително и Колумбија, Харвард, Јеил и Беркли, протестираат со денови и бараат да се стави крај на, како што тврдат, геноцидот врз палестинскиот народ во Газа.
Тие, исто така, бараат од универзитетите да ги прекинат финансиските врски со Израел и компаниите кои ја овозможуваат операцијата на Израел во Појасот Газа.
Полицијата уапси стотици демонстранти во рациите на 21 универзитет низ земјата во средата, а апсењата продолжија во четвртокот и петокот.
За време на протестот во кампусот на Универзитетот Нортвестерн во Бостон, откако демонстрантите не ги тргнаа шаторите, полицијата уапси 102 од нив под обвинение за криминална опструкција и давање отпор при апсење. Уште 23 се уапсени во Индијана.
Повеќе од 200 луѓе беа уапсени на неколку универзитети, вклучувајќи 80 лица доцна во саботата на Универзитетот во Вашингтон, а меѓу уапсените беше и претседателската кандидатка на Партијата на зелените, Џил Стајн.
„Тие испраќаат полиција за немири и во основа создаваат немири во инаку мирни демонстрации. Значи, ова е едноставно срамно“, рече Стајн.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби во неделата изјави за ABC News дека претседателот Бајден знае дека има силни чувства за војната во Газа.
„Тој го разбира тоа, го почитува тоа и како што кажа многу пати, ние секако го почитуваме правото на мирни протести“, рече Кирби.
„Луѓето треба да можат јавно да ги изразат своите ставови и да ги споделат своите перспективи, но тоа мора да биде мирно“, рече Кирби, додавајќи дека Бајден го осудува антисемитизмот и говорот на омраза.