Силен студен бран ја зафати Грција, донесувајќи нагло опаѓање на температурите, обилни снежни врнежи, мраз и силни северни ветрови низ целата земја, соопштија денес локалните метеоролози.
Според „Екатимеринии“, снег се очекува во планинските подрачја, но и во пониските делови од копното, каде што веќе се можни снежни врнежи на надморска височина од 300 до 400 метри.
Снег се предвидува и во ниските подрачја на источна Македонија и Тракија, во регионалните единици Сер и Халкидики, како и на неколку острови од северниот Егеј, вклучувајќи ги Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради.
Во раните утрински часови се очекува снег во пониските подрачја на островот Евија и во близина на Атина.
Мраз, кој локално ќе биде силен во северните региони, се очекува во утринските и вечерните часови, додека во некои подрачја се предвидуваат многу силни до бурни северни ветрови до вечерта.
Најниските утрински температури на северот од Грција ќе се движат од минус три до минус пет степени Целзиусови, додека на северозапад ќе се спуштат до минус 10 степени.
Највисоките дневни температури на северот нема да надминат пет степени Целзиусови.

