Европската унија ќе го заснова процесот на пристапување на новите земји-членки на заслуги, притоа обезбедувајќи „опипливи стимулации“, согласно стратешката агенда за периодот од 2024 до 2029 година, што беше договорено од лидерите на Европската унија на самитот во Брисел.
„Новата геополитичка реалност ја нагласува важноста на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и напредокот. Има нова динамика во процесот на проширување. И ЕУ и идните членки сега имаат одговорност максимално да ја искористат оваа можност и да ја објаснат“, се наведува во агендата и се посочува дека ЕУ ќе ги поддржи членките кои се стремат да ги исполнат критериумите за пристап преку соодветни инструменти.
Се наведува дека ЕУ ќе ги поттикне и реформските напори, особено во однос на владеењето на правото, како и регионалната интеграција, добрососедските односи, помирувањето и решавањето на билатералните спорови, пренесува Танјуг.
Лидерите на ЕУ синоќа ја усвоија стратешката агенда, а откако ја договорија агендата, предложија актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен да добие нов мандат на чело на ЕК, што естонската премиерка Каја Калас да биде кандидат за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, додека поранешниот португалски премиер Антонио Коста беше номиниран за претседател на Европскиот совет.