Огромен екран паднал и повредил двајца танчери на сцената пред згрозените гледачи на концертот на групата Мирор во Хонг Конг.
Екранот прво паднал врз еден од нив, а потоа се срушил врз другите.
Организаторите веднаш го прекинаа концертот и побараа од публиката мирно да си замине.
Полицијата потврди дека двајца танчери завршиле во болница. Едниот се здобил со повреди на вратот и е во тешка состојба на интензивна нега, додека другиот е во стабилна состојба. Идентитетот не е објавен, јавува Би-Би-Си.
Од полицијата информираат и дека три жени од публиката биле во шок, но дека се добро.
Властите во Хонг Конг наредија темелна истрага за инцидентот.
Групата Mirror е исклучително популарна во Хонг Конг. Тие се основани во 2018 година и оттогаш доживеаја голем успех со публиката низ Азија.