Две руски градежни компании наводно користеле робови од Северна Кореја за изградба на стадионот во Санкт Петербург за Светското првенство во фудбал кое ќе се одржува во Русија идната година.
Над 110 робови од Северна Кореја работат на изградбата на „Зенит Арена“ во Санкт Петербург, дознава норвешкиот спортски весник „Јосимар“.
Луѓето кои што биле најмени од компанијата “Seven Suns and Dalpiterstroy” работеле секој ден во седмицата, живееле во нечовечки услови и спиеле во товарни контејнери недалеку од градилиштата, а токму таму неодамна бил пронајден еден мртов работник.
Стадионот „Зенит Арена“ кој што се наоѓа недалеку од метро станицата „Крестовски Остров“ се гради веќе 11 години. Проектот на почетокот беше замислен како нов стадион на фудбалскиот клуб Зенит и според првичните проценки, требаше да чини околу 220 милиони долари.
Меѓутоа, откако Русија беше избрана за да го организира Светското првенство во фудбал во 2018-та година, стадионот стана еден од главните објекти каде што ќе се играат натпреварите од Мундијалот. Сега се проценува дека до крајот на изградбата, трошоците ќе надминат вртоглави 1,5 милијарди долари.
Вработувањето на работниците од Северна Кореја предизвика бројни контроверзии. Неколку угледни меѓународни организации работниците од Северна Кореја ги опишаа како „робови и заложници“, затоа што 90 проценти од нивната заработка оди директно во рацете на властите од Пјонгјанг кои што строго ги надгледуваат и контролираат работниците.
И покрај меѓународните санкции кон Северна Кореја, работата во странство на севернокорејските работници и натаму е еден од начините за властите од Пјонгјанг да заработат пари. Обединетите нации проценуваат дека ваквиот вид на извоз на работници на Северна Кореја ѝ носи и до две милијарди долари профит.
И покрај големите контроверзии, Русите и натаму го практикуваат тоа и може да се каже дека имаат голема традиција во користењето на работници од Северна Кореја. Според информациите на руското Министерство за работа, во 2015-та година, над 47 илјади работници од Северна Кореја работеле во Русија.
tocka.com.mk
Loading...