Со помош на локалните жители, стотици португалски пожарникари од вторникот се борат со шумскиот пожар во природен парк во близина на популарната дестинација за одмор Каскаис, а силните ветрови ги отежнуваат напорите.
Пожарот избувна во вторник попладне во планинска област која е дел од природниот парк Синтра-Каскаис, кој зафаќа околу 145 квадратни километри земја и се наоѓа западно од главниот град Лисабон.
Со помош на 189 возила беа донесени повеќе од 600 пожарникари по избувнувањето на пожарот.
Со пламените јазици се бореа и канадерите, но мораа да ја прекинат работата кога падна ноќта.
Во едно од селата погодени од пожарот, очајните локални жители ги презедоа работите во свои раце, обидувајќи се да ги заштитат домовите со кофи со вода и црева бидејќи силните ветрови ги разгореа пламените јазици.
„Сега се плашам дека ќе стигне до куќите“, рече Инес Фигуеирдо (34), додека чадот го исполни воздухот.
„Се обидуваме да помогнеме колку што можеме со кофи (вода)… но тоа не вреди многу“.
Градоначалникот на Каскаис, Карлос Кареирас, изјави дека ударите на ветерот до 60 км/ч се најголемиот предизвик и дека голем број луѓе се евакуирани како мерка на претпазливост.
„Пожарникарите прават се што можат“, рече Мигел Медеирос, жител кој помогна во гаснењето на пламените јазици. „Тешко е за сите“.
Според властите, сè уште нема оштетени куќи.
Податоците на ЕУ покажуваат дека Португалија, која досега избегнуваше топлотен бран што предизвика смрт и уништување низ јужна Европа, е една од земјите на блокот најтешко погодени од пожарите.
Екстремните временски услови во јули направија хаос низ целата планета, со рекордни температури во Кина, САД и јужна Европа кои предизвикаа шумски пожари, недостиг на вода и зголемен број болнички приеми поврзани со топлина.