Стотици летови до САД ќе бидат откажани денес поради затворањето на владата

Сподели со своите пријатели

Стотици летови низ САД ќе бидат откажани денес, бидејќи продолжува најдолгото затворање на владата во историјата на земјата, соопшти Федералната администрација за авијација (FAA).

Суспензијата би можела да трае и во текот на сезоната на празнични патувања, оставајќи милиони Американци без закажани летови, објави CNN.

Почнувајќи од денес, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе го намали бројот на летови на 40 аеродроми низ земјата за четири проценти, а намалувањето постепено ќе се зголемува на 10 проценти до следниот петок ако затворањето продолжи, соопшти FAA во итна наредба.

Неколку големи авиокомпании откажаа стотици летови за денес и викендот како мерка на претпазливост.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Застрашувачки глетки од масакрот во Судан! Градот претворен во гробница!

Откажувањата ќе важат за голем број градови, а не за одреден регион, соопштија претставници на авиоиндустријата.

Најпогодените аеродроми се трите главни центри во Њујорк – Ла Гвардија, Џон Ф. Кенеди и Њуарк, како и Бостон, Филаделфија и Тетерборо.

На Средниот Запад, намалувањата ќе влијаат на аеродромите во Чикаго, Индијанаполис, Детроит, Синсинати, Луисвил и Минеаполис.

На југ, погодени се аеродромите во Атланта, Далас, Хјустон, Орландо, Мајами, Мемфис, Тампа и Шарлот, додека на запад, намалувањето ќе се однесува на аеродромите во Лос Анџелес, Сан Франциско, Лас Вегас, Денвер, Феникс, Сиетл и други градови.

Хонолулу и Анкориџ се исто така на листата.

ФАА предупреди дека намалувањето од 10 проценти на летовите може да значи илјадници откажани летови дневно, што би поставило преседан во американската авијација, пренесува Танјуг.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп: Иран прашува дали санкциите на САД можат да бидат укинати

Самите авиокомпании ќе одлучат кои летови ќе бидат откажани.

„Делта ерлајнс“ откажа околу 170 летови, „Јунајтед ерлајнс“ околу 200, „Американ ерлајнс“ околу 220 дневно, додека „Саутист“ денес откажа околу 100 летови.

Сите компании им понудија на патниците можност да менуваат билети бесплатно.

На патниците им се препорачува да резервираат летови директно со авиокомпаниите и да избегнуваат префрлувачки летови.

Затворањето на владата, кое започна на 1 октомври, остави многу федерални службеници без плата, вклучувајќи ги контролорите на летање и персоналот за безбедност во транспортот.

Синдикатите предупредуваат дека недостатокот на персонал и стресот ги зголемуваат безбедносните ризици, иако ФАА вели дека намалувањето на бројот на летови ќе ја подобри безбедноста.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Некој испратил сомнителен пакет во американска воена база, неколку лица во болница

„Гледаме знаци на проблеми во системот, па затоа проактивно го намалуваме бројот на летови за да ја осигуриме безбедноста на патниците“, рече администраторот на ФАА, Брајан Бедфорд.

Претседателката на Националниот одбор за безбедност во сообраќајот, Џенифер Хоменди, рече дека одлуката за намалување на сообраќајот е „управување со безбедноста – основа на американскиот систем за авијација“.