Кон почетокот на шеесеттите години во Крива Паланка постоеле 12 стопански организации во кои работеле над 500 работници и службеници.
Според пишувањата на кумановскиот „Наш весник“ во тој период бројот на стопанските организации имал тенденција за постојано проширување и зголемување на производствените можности.
Шумско индустрискиот комбинат и фабриката за декоративни ткаенини биле првите поголеми индустриски објекти во Крива Паланка, што заедно со останатите фабрики се очекувало за четири години да го зголеми доходот по жител за три пати и да изнесува над 70.000 динари.
За во 1965 година „Наш весник“ тогаш предвидел дека Крива Паланка ќе има над 1.000 индустриски работници.
Во тој период во градот биле изградени 13 нови училишни згради, а повеќе стари објекти биле адаптирани за изведување на наставата. Пред војната на подрачјето на оваа општина имало 14 основни училишта со 27 наставници, од кои само петмина Македонци, додека во 1961 година имало 91 просветен работник во 29 основни училишта и едно училиште од втор степен, каде настава посетувале околу 4.000 ученици.
Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“.