Стопанскиот развиток на кумановскиот регион во шеесеттите години од минатиот век се карактеризира со развој на индустријата, рударсвото и земјоделството.
Ако пред војната имало само неколку претпријатија, на почетокот на шеесеттите веќе имало околу 80, пишува новинарот Љубе Јакимовски во првиот број на кумановскиот „Наш весник“.
За периодото од 1947-1961 година за развитокот на стопанството и за општествениот стандард на Куманово биле инвестирани 15 милијарди динари, или годишно околу една милијарда. Општествениот бруто производ во околината се зголемил на 12 милијарди спрема шест милијарди колку што било по војната, додека националниот доход од четири милијарди по војната, веќе во 1961. година изнесувал седум милијарди.
Пралелно со стопанскиот развој се зголемувала и вработеноста. Во 1961 година во кумановско имало околу 12.500 работници и службеници, додека во првите години по ослободувањето имало 4.500.
„Инвестиционите вложувања во областа на индустријата и рударството главно беа наменети за развитокот на капацитетите во металургијата, текстилната, кожната и преработувачката индустрија. Исто така се инвестирани и големи средства за мелиоративни системи во земјодеството. Со цел да се оствари уште побрз развиток на стопанството и општествениот стандард во нашата околија, во наредниот период се предвидуваат значителни големи вложувања. Според предвидувањето во периодот од 1961 до 1965 година во стопанството и за општествениот стандард, ќе бидат инвестирани околу 29 милијарди динари, или просечно годишно околу 4,2 милијарди динари. Сетоа ова ќе придонесе во околијата да с добие бруто производ од 42 милијарди динари, или 2,5 пати повеќе отколку што се добивало досега. Исто така и националниот доход ќе се зголеми за 2,3 пати во 1965 година, споредбено со 1960 година. Паралелно со тоа ќе се зголеми и запосленоста со отворање на 5.800 работни места, пишува новинарот Јакимовски во „Наш весник“.
Од вкупно 91 училиште со околу 8.000 ученици и 200 наставници во учебната 1938-1939 година, во учебната 1960-1960 во Куманово работеле 180 училишта во кои настава посетувале 26.800 ученици кај 680 наставници.
Во кумановската околина во 1961. година имало 25 здравствени институции преку кои се обезбедувала здравствена заштита на населението.
Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 1 (среда, 11 октомври 1961. година)