Столтенберг: Зголемените тензии на Западен Балкан се загрижувачки

Сподели со своите пријатели

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека неодамна се зголемија тензиите на Западен Балкан, вклучително и во Косово и Босна и Херцеговина, и дека Алијансата ќе продолжи да ја промовира безбедноста, стабилноста и соработката во регионот.

Loading...

Видовме зголемени тензии, со поагресивна реторика и заглавени реформи, како и влијание на странските актери кои работат на поткопување на напредокот“, рече Столтенберг по седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига.

На состанокот во Рига присуствуваше и високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел.

Столтенберг рече дека Западен Балкан е важен регион за НАТО и ЕУ и дека сега се сведоци на загрижувачки случувања, дека се загрижени поради реториката на поделба во Босна и Херцеговина и дека тензиите меѓу Белград и Приштина остануваат.

„НАТО ќе продолжи да ја промовира стабилноста, безбедноста и соработката во регионот“, рече Столтенберг, додавајќи дека се согласиле за важноста на присуството на НАТО во регионот, вклучително и мисијата КФОР на Косово и канцелариите на Алијансата во Сараево и Белград.

Тој рече дека соработката на НАТО со Европската унија останува суштинска и дека ќе продолжи да работи заедно за зачувување на стабилноста и поддршка на реформите.

Столтенберг рече дека НАТО силно го поддржува интегритетот на БиХ и посочи дека во 1990-тите НАТО отиде во Босна и таму „ја заврши бруталната етничка војна“.

„Од тогаш, НАТО е во Босна и тесно соработува со Европската унија“, рече тој.

Loading...

Шефот на НАТО рече дека на состанокот разговарале за важноста на Алијансата и ЕУ да продолжат со блиската соработка во Босна.

Според него, НАТО е загрижен поради „многу агресивната реторика“ на Милорад Додик и дека „неговата многу запалива реторика само го поткопува Дејтонскиот договор и напорите за изградба на стабилна, мултиетничка“ БиХ.

„НАТО ќе продолжи да го поддржува градењето капацитети и спроведувањето на реформите“, рече Столтенберг.

Тој рече дека една од ретките мултиетнички институции во БиХ се вооружените сили, дека тие се успешна приказна за НАТО, бидејќи Алијансата им помогнала да се изградат и обучуваат како мултиетничка институција.

„Ќе направиме се што можеме за да спречиме се што може да го поткопа, бидејќи ни требаат мултиетнички институции, државни институции, вклучително и вооружените сили. Така ќе бидеме фокусирани и ќе продолжиме да работиме со БиХ“, рече Столтенберг.