На денешната средба на делегатите во Брисел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека безбедносниот блок останува обединет во давањето поддршка на Украина, пренесува Би-би-си.
На првиот состанок на делегатите на НАТО откако Русија го нападна својот сосед, Столтенберг рече дека западните лидери му дале огромна воена поддршка на Киев и дека ветиле дека ќе продолжат со таа поддршка.
Украински обвинител: 103 деца се убиени од почетокот на руската инвазија
„Светот ја осудува оваа бесмислена vојна. Сојузниците и партнерите на НАТО воведуваат санкции без преседан на Русија, а ние сме обединети во нашата поддршка за Украина“, рече Столтенберг.
„Долги години обучивме десетици илјади украински војници и обезбедивме големи количини клучна опрема за да и помогнеме на Украина да го одржи правото на самоодбрана“, додаде тој.
Столтенберг, исто така, рече дека од почетокот на рускиот напад, сојузниците значително ја зголемиле поддршката за украинскиот народ, владата и вооружените сили, обезбедувајќи им воена опрема, хуманитарна и финансиска помош, како и засолниште за милиони бегалци.