Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека настаните во Украина се „инвазија од големи размери“, која ја предвидела западната разузнавачка служба.
Тој додаде дека Европа со децении не видела „војна“ од ваква големина.
„Гледаме масовна инвазија на Украина во целост. Токму она што нашата разузнавачка служба го предвидува со месеци, така што не е нешто неочекувано“, изјави Столтенберг за Си-Ен-Ен по повод руската специјална операција за демилитаризација на Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот наутро објави дека донел одлука за специјална воена операција за демилитаризација на Украина.
Тој во телевизиското обраќање до Русите рече дека околностите „бараат решителна и итна акција“ и дека народните републики во Донбас и се обратиле на Русија со барање за помош.
Според рускиот лидер, целата одговорност за крвопролевањето ќе биде на совеста на владејачкиот режим во Украина.
Тој ја повика украинската армија да не ги почитува криминалните наредби на украинските власти, да го остави оружјето и да си оди дома.
Руското Министерство за одбрана подоцна истакна дека руските вооружени сили не извршиле ракетни, воздушни или артилериски напади врз украинските градови: воената инфраструктура, објектите за противвоздушна одбрана, воените аеродроми и авијацијата биле онеспособени со високопрецизно оружје.

