Нема намалување на дотурот на вода и водоснабдувањето во Куманово се одвива нормално, велат денеска градоначалникот Зоран Дамјановски и директорот на Јавното претпријатие „Водовод“, Горан Стојковски по прес конференциите кои првин ги одржа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски од Скопје, но и денеска претседателот на Општинскиот комитет, Драган Петковски.
Дамјановски вели дека тие не се грижеле кога вентилите беа затегнувани изминатите лета, а ваквите прес конференции ги карактеризира како страв на владејачката гарнитура на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Сега излегуваат да фрлаат прав во очи на јавноста. Би сакал да кажам дека никогаш не се загрижија зошто од 1,8 дени, цената отиде на 7,6 дени и зошто на најдраконски начин беше блокирано оваа Јавно претпријатие со над 100 милиони денари за договор кои никогаш не е потпишан за испорака на вода, т.е за енормно високи цени и камати кои дефинитивно „Водостопанство“ го урниса системот на водоснабдување, и никогаш не постави прашање што е тоа што се слулува со Куманово, затоа што 5-6 пати поскапа сирова вода од акумулацијата Липковска брана плаќаме ние во однос на било која општина во Македонија, а да не зборам дека Скопје има нула денари за испорака од нивните бунари – вели Дамјановски.

Дамјановски вели дека пратеникот Ѓорѓиевски никогаш не помогнал да се подобрат односите помеѓу Јавните претпријатија „Водовод“ и „Водостопанство“.
Испораката на водата во Куманово тече нормално по моите сознанија од директорот. Куманово е огромен град и потрошувачката во овие летни горештини и наводнување на дворовите го прават своето. Ние ќе апелираме до граѓаните, а воедно упатувам порака дека не е добро да игра на оваа карта, затоа што сигурно ќе изгуби, односно, виновник за целата состојба во ЈП „Водовод“ е „Кумановско-липковско поле“ кое е под силна сугестија на пратеникот и на нивните ПР-и во централата кои нема што да прават, па го блокираат Куманово на разни нивоа – додаде Дамјановски.
Дека ситуацијата со водоснабдувањето е нормализирана, потенцираше и менаџерот на ЈП „Водовод“, Горан Стојковски.
Оваа година откако на чело на „А.Д. Водостопанство“ е професионално лице кое не е под влијание на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ги имаме максималните количини на вода кои сме ги немале во претходните десетина години. Од наша страна одговор на ваквото позиционирање на „Водостопанство“ во државна сопственост е што нашите обврски ги плаќаме до 6 – ти во месецот. Околу цена на вода и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓиевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ знаат, цената на вода која се зборува ја диктира влезниот елемент, односно сурова вода која ја добиваме од „Кумановско липковско поле“. На иницијатива на градоначалникот на Општина Куманово уште во 2014 година почна формирање на регулаторно тело за цена на вода. Тоа регулаторно тело под влијание на ЕУ оваа година е конечно формирано и ЈП „Водовод Куманово“ е прво претпријатие во Македонија кое има изработено бизнис план, каде има и анализа на методологија на цена на вода и овој бизнис план е веќе претставен во Регулаторна комисија, со што очекуваме да ни биде одобрен и да го претставиме на граѓаните на Општина Куманово – вели Горан Стојковски, директор на ЈП „Водовод“.
Стојковски уште еднаш потенцираше дека Куманово ја има најскапата цена на вода, а тоа била и првата реакција во Регулаторната комисија за енергетика.
Околу изјавата дека градинки, социјални установи и централно градско подрачје немаат вода со денови, одговорно ги повикуваме заедно со нив да отидеме на секоја локација на која што тврдат дека немало вода четири дена, три или два дена, и пред тие граѓани да објасниме дали имало или немало вода. Имаме зголемен број на дефекти поради притисок во нашата водоводна мрежа, затоа што се обидуваме во овие жешки денови да дистрибуираме максимални количини на вода, за да секој дел на градот има вода. Значи имаме дефекти што се дел од секојдневна работа. Нема дел на градот којшто бил без вода неколку дена или 48 часа како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Не е време за кампањи, кампањите почнуваат од август месец. Сега е битно да се одржи водоснабдувањето и граѓаните да бидат задоволни. Околу тоа колку е квалитетна, односно неквалитетна водоводната мрежа на град Куманово, исто така ги повкувам почитуваниот пратеник и претседател да кажат зошто ги блокираат двата проекти на Општина Куманово и ЈП „Водовод“, за замена и инсталација на нова водоводна мрежа и броила за вод и проектот Скада систем, кој на секој доводен и одводен канал до фабрика за вода и кон граѓаните ќе се поставаат електронски протокомери и мерачи на притисок, со кој проект буквално ќе беше осовремена водоводната мрежа на Опшина Куманово – вели Стојковски.

Според директорот Стојковски, овие два проекти, по одржаните состаноци со ресорните министри, е заклучено дека се блокирани од страна на претходното раководство под директни насоки и ингеренции по функционер од Општина Куманово.
Имаме доволни количини на вода, количините ги дистрибуираме, ги повикувам да го посетиме секој дел на градот за кој велат дека нема вода, и да ја востановиме вистинската слика. Тоа што водоводната мрежа е во таква ситуација и ја одржуваме, одговорно ви тврдам, да сакаа да бидат повеќе кумановци, а помалку партиски ориентирани, заедно со нив во овие моменти ќе можевме да се пофалиме дека Куманово има една од најсовремените водоводни и канализациони мрежи во Македонија. Како показател на нашиот труд и Општина Куманово е проектот кој веќе се имплементира, 22 километри канализациона мрежа и овој проект одеше директно преку Европската унија и поради тоа немаа можност на никој начин да го блокираат овој проект. Останатите проекти кои се во Министерството за транспорт и врски и во Министерство за финансии одговорно пред цела јавност под полна морална и кривична одговорност ви тврдам дека се блокирани од страна на наши сограѓани на функција – додава Стојковски.

