Покачување на земјоделската и социјалната пензија, но и исплата на 13та пензија за сите пензионери вети денеска носителот на листата кандидати за пратеници од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Изборна единица два, Даниел Стојчевски.
Стојчевски денеска беше на пазарот за стари работи во селото Долно Којнаре во Куманово каде се сретна со многу граѓани и разговараше за нивните потреби и барања, а воедно ја промовираше и програмата за парламентарните избори, но и кандидатот за претседател на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.
Вели дека граѓаните биле едногласни во своите размислувања, а тоа е дека е дојдено време за промени во Македонија. Тој претстави и дел од програмата под име „Проглас за достоинствена Македонија“.
– Ние на пензионерите им нудиме поквалитетен и подобар живот во нареден период. Предвидуваме покачување на земјоделската пензија за 30%, предвидуваме покачување и на социјалната пензија за 30% исто така. Во делот на останатите пензии предвидуваме и 13 пензија за сите пензионери. Предвидуваме покачување на пензиите за пензионерите од прва категорија од 20%, од втора категорија 15%, од трета категорија за 10% и од четврта категорија за пет проценти, рече Стојчевски.
Тоа е изводливо, вели тој, и тоа од средства кои ќе останат од нереализираните капитални проекти од Буџетот.
– Во буџетот на Македонија секоја година има остааток од нереализирани капитални проекти. Тоа се останати средства во буџетот кои се користат за дополнителни разни намени со ребаланс на Буџетот. Токму тие средства ние ќе ги искористиме за покачување ан пензиите и за 13та достоинствена пензија за сите пензионери, изјави Стојчевски.
Никола Ивановски