„Куманово почна да се менува и да го враќа сјајот на своите најважни објекти и спомен одбележја кои се синомим кога ќе се спомне градот Куманово“, рече денеска на прес конференција Дејан Стојановски од Општинската организација на СДСМ Куманово.
Како што рече тој, по враќање на Спортската сала во владение на општината и по започнување на реконструкција на Соколана, од неодамна локалната самоуправа започна со реализација на проектот за уредување на комплексот кај Споменик Костурница.
– Согласно проектот предвидено е изградба на амфитеатар на постоечкото игралиште, изградба на три нови спортски терени, трим патеки за пешачење и трчање, поставување на опрема за вежбање и рекреирање, нова урбана опрема, осветлување, дополнително озеленување со нови садници. Проектот се предвидува да се заврши во мај 2021 година. Новиот лик кој ќе се даде на Споменикот Костурница ќе значи враќање на рекреацијата и семејните прошетки кои им недостигаат на кумановци, изјави Стојановски.
Освен Споменик Костурница, како што посочи Стојановски, Министерството за култура заедно со Националниот конзерваторски центар – Скопје го најавија почетокот на превентивни конзерваторски интервенции на црквата Св. Богородица во Матејче за ова културно добро да се заштити од влијанија во зимскиот период.
Никола Ивановски