Дваесет и седумгодишниот Сефан Живановиќ од Белград, искусен бек шутер висок 195 сантиметри е првото странско засилување за Кошаркарскиот клуб Куманово оваа сезона.
Тој доаѓа од Темишвар, клуб од романската лига, а во својата кариера бележи настапи и во дресовите на Смедерево, Металац, Раднички Баскет, ФМП, Вилбек и Игокеа.
Беше член на јуниорската репрезентација на Србија со која во 2007 го освои Европското првенство во Шпанија, но има и сребро на Медитерански игри во 2013, а од овој месец ќе ги брани сино-белите бои на КК Куманово.
Екипата на Кумановски Муабети меѓу останатото, разговараше со Живановиќ за неговите очекувања од претстојната сезона во редовите на вицешампионот.
КМ: Пред некое време стана дел од КК Куманово, па какви се твоите досегашни впечатоци?
-
Многу сум задоволен од стручниот штаб и со момците кои моментално се во тимот. Убаво ме пречекаа и прифатија што е најважно. Супер е атмосферата во екипата и тоа прилично ми се допаѓа.
КМ: Претпоставувам дека имаше можност да го разгледаш градот. Како ти се допаѓа?
-
Имав можност со соиграчите да излезам и да ми го покажат градот. Ми се допаѓа и многу е интересно тоа што секогаш има луѓе во центарот и кафулињата се полни. Убаво е кога видиш дека градот е жив и дека секогаш нешто се случува.
КМ: Како засега ти изгледа ситуацијата во македонската кошарка?
-
Јас лично мислам дека македонската кошарка е една од најдобрите во регионот и дека секоја година е се подобра и затоа и дојдов во Македонија.
КМ: Со оглед дека тренинзите се веќе во тек какви се твоите очекувања од претстојната сезона?
-
Тренираме секој ден и се обидуваме да се вклопите што подобро. Но, имамо мал проблем затоа што тројца играчи се со репрезентацијата и чекаме да дојдат уште 203 нови играчи. Ќе имаме малку време да се вклопиме, но ќе дадеме се од себе да се обидеме да направиме добра сезона како што направија и минатата година. Никогаш не се знае, можеби оваа сезона ќе направиме и изненадување.
КМ: Дали имаше можност да ги запознаеш репрезентативците на КК Куманово?
-
Не сум запознал ниту еден од нив, но сум слушнал за нив многу и се надевам дека добро ќе се сложуваме и дека ќе направиме добра атмосфера. Тоа се сериозни момци и играчи, така да се надевам дека се ќе биде како што треба. Од репрезентацијата засега го познавам само Марко Дујковиќ, затоа што една сезона игравме заедно во Металац од Ваљево.
КМ: Какви се твоите очекувања од БИБЛ лигата со оглед дека имаш настапувано за повеќе странски клубови, веројатно си запознаен со противниците?
-
Никогаш немам играно балканска лига, но мислам дека сите екипи се со ист квалитет и дека тука може да се направи поголем успех. Како што веќе реков, ние на секој натпревар ќе дадеме се од себе во тој момент.
КМ: Како се роди твојата љубов кон кошарката?
-
Моите двајца постари браќа тренираа кошарка, а јас и татко ми секоја вечер ги возевме на тренинг и гледав како тие го прават тоа. Започнав и јас да тренирам и многу го засакав овој спорт. Целиот живот го посветив на кошарката. Во секој спорт можеш да успееш само ако тоа го сакаш. Така и во било која работа, ако ја сакаш ќе успееш.
КМ: Што е најважното нешто што еден играч треба да го понесе со себе на терен?
-
Најважно е да излезеш на терен и да го дадеш својот максимум во тој момент. Некогаш ќе ти оди се, а некогаш се ќе застане. Важно е да се бориш за секоја топа и да се фрлиш и по ничиј бааскет, затоа што така го подигнуваш тимот на ноге, а и публиката. На тимот му даваш сила да го засили ритамот и да дојде до победа.