Стечајните работници од Куманово, кои денеска требаше да ја блокираат наплатната рампа во близина на селото Романовце на автопатот Куманово – Скопје, поради забраната која ја добија од СВР Куманово, протестот го преместија на влезот и излезот од градот кои се блокирани.
Протестираме заради неостварување на нашите права. Во оваа држава сите не заборавија може да кажам, и невладини организации, и позиција и опозиција, никој стечајните работници две години не ги спомна. Еве стечајните работници донесоа одлука да бидеме што повеќе присутни на улица, но повеќе на улици не, од сега ќе ги држиме регионалните патишта и се подготвува марш Куманово – Скопје за да на сите им биде јасно во Република Македонија дека стечајните работници се уште не се изумрени – рече во телефонска изјава Лилјана Георгиевска, претседател на Здружението на стечајни работници УНИТ.
Вчера од командирот на Секторот за внатрешни работи Куманово, Георгиевска била повикана на разговор каде и било соопштено дека не смеат да блокираат меѓународен пат, иако протестот бил уредно најавен. Командирот ги предупредил дека може да се соочат со кривични пријави, што според неа е индиректно заплашување на стечајните работници.
Поради овие полициски службеници што го обезбедуваат протестот за да не им правиме проблеми и да не го тепаат својот народ одлучивме да застанеме на влезот и излезот на градот и тука да го реализираме протестот – рече Георгиевска.

