Британскиот премиер Кир Стармер изјави денес, отворајќи го состанокот на „коалицијата на оние што се подготвени да помогнат во следењето на спроведувањето на секој иден мировен договор меѓу Русија и Украина, дека сега постои опиплива шанса за постигнување мир во Украина.
Тој истакна дека самитот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, во петокот во Алјаска е исклучително важен, пренесува Скај њуз.
„Овој конфликт трае малку повеќе од три години и не бевме ни блиску до перспективата за вистинско одржливо решение, одржлив начин за постигнување прекин на огнот, а сега ја имаме таа можност благодарение на работата што ја вложи претседателот“, рече Стармер.
Како што рече, ништо не е гарантирано на состанокот во Алјаска во петокот.
Стармер, сепак, изјави дека „коалицијата на оние што се подготвени“ е подготвена да распореди „сили за да ја гарантираат безбедноста“ кога ќе дојде моментот или да воведе санкции каде што е потребно.
Претходно, портпаролот на британскиот премиер во соопштение изјави дека поддршката на Велика Британија за Украина е „непоколеблива“.
„Сите лидери се согласија дека оваа недела е важен момент за иднината на Украина“, рече портпаролот, според Би-Би-Си.
Лидерите кои учествуваа во разговорот му се заблагодарија на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за неговите „напори да го донесе Путин на преговарачка маса со цел да се постигне прекин на огнот и да се стави крај на сегашното крвопролевање“, додаде портпаролот.
Стармер рече за време на разговорите дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила и дека Украина мора да добие силни и сигурни безбедносни гаранции за да го одбрани својот територијален интегритет како дел од кој било договор.
Во соопштението се додава дека Европа и САД ќе продолжат да работат за „праведен и траен мир во Украина“ и дека повторно ќе разговараат по средбата меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, која ќе се одржи во петок, 15 август, во Анкориџ, Алјаска.