Еден човек од Индија тврди дека примил 12 дози вакцина против коронавирусот и вели дека верува дека тие дози му помогнале против болки во грбот, како и други здравствени проблеми, пишуваат повеќе медиуми.
Пензионираниот поштар Брамдео Мандал од индиската држава Бихар изјави дека дозата ја примил девет пати со пријавување со помош на лична карта, а дополнителни дози успеал да добие преку мобилниот и гласачкото ливче на сопругата.
Тој изјавил дека има 85 години и дека првата доза ја примил во февруари минатата година.
„Верувам дека ми помага во општо здравје. Болките во грбот ми се намалија, добив сила, апетитот ми се подобри. Постојано барав центри за вакцинација и одев таму, а никој не ме препозна“, изјави Мандал.
Засега нема докази дека дополнителните дози на антивирусни вакцини придонесуваат за општата здравствена состојба која не е поврзана со коронавирусот, а Мандал рече дека сака да прима повеќе дози.