Српската амбасадорка во посета на ООУ „Браќа Рибар“ (фото)

Сподели со своите пријатели

Амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ денеска со претставници од амбасадата беше во посета на училиштата „Светозар Марковиќ“ и „Браќа Рибар“ во Старо Нагоричино, односно Табановце, каде се сретна со учениците и во предновогодишна атмосфера одблизу се запозна со текот на наставниот процес на српски јазик.

Должни сме да помогнеме колку можеме и ме радува дека децата напредуваат со јазикот, а тоа значи дека наставниците се залагаат многу, рече амбасадорката Дивљак Домиќ која додаде дека амбасадата е подготвена да ја интензивира размената со српски и трите македонски училишта кои имаат настава на српски јазик.

 

 

При посетата на ООУ „Браќа Рибар“ од село Табановце дипломатските претставници донесоа наставни средства кои ќе им го олеснат изучувањето на српскиот јазик на основците.

– Што се однесува до наставните средства, донесовме еден мал дел, ги имавме предвид првачињата, нив да ги охрабриме затоа што ним им е најтешко, голем настан за нив е да почнат да учат еден јазик, веројатно некои имаат сигурно предзнаење од дома, некои можеби немаат, па ете малку да им помогнеме, донесовме и лектири за малку повисоки одделенија, но и натаму стоиме отворени да им помогнеме на наставниците, да им ја олесниме работата, да помогнеме на директорката и нејзината работа да биде поуспешна. Има соработка помеѓу амбасадата веќе со години и мислам дека ги имаме сите предуслови таа соработка да ја зајакнеме, стоиме на располагање, се што можеме да помогнеме бидете слободни да ни се обратите, а ние тоа ќе го поддржиме, рече Душанка Дивјак Томиќ, амбасадор на Република Србија.

 

 

Како што потенцираше српската амбасадорка и во Србија, големо внимание се посветува на изучување на македонскиот јазик кај припадниците на македонската малцинска заедница.

Задоволство од соработката со српското дипломатско претставништво, изрази и директорката на ООУ „Браќа Рибар“ Светлана Стефановска, која истакна дека денешните подароци ќе помогнат во работата со младите во процесот на совладување на срспкиот јазик.

– Кај нас наставата од прво до петто одделение се изведува на српски јазик. Ни фалеа тие постери со азбуки, со разни слики, сликовници, нагледни средства, каде што пишува на српски јазик и многу ќе ни помогне во работата, соработката секако ќе продолжи и понатаму, посебно задоволство ни е, бидејќи секогаш ни излегуваат во пресрет на нашите молби доколку имаме потреба ни помагаат, изјави Стефановска.

 

 

Училиштето заедно со српските дипломати го посети и Милован Станчиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците при Министерството за образование и наука на Република Македонија, кој при разговор со директорката ги прецизирал потребите од овие надгледни средства и притоа истите барања ги процесирал до амбасадата која со задоволство излегла во пресрет.

– Во оваа смисла овдека нема да запре соработката на ниво Министерство за образование, училиште, амбасада, во најбрз можен рок, предвидена е обука, односно семинар на Филозовскиот факултет во Ниш, на Педагошкиот факултет во Врање, една обука за постоечкиот наставнички кадар во Табановце, но и во останатите училишта каде се изведува наставата по српски јазик и заложбите на Министерството за образование и наука се да се измени наставниот план и програма и од следната учебна година да се воведе укинатиот изборен предмет Јазик и култура на Србите, рече Станчиќ.

Со скромна приредба на српски јазик, основците од „Браќа Рибар“ им се заблагодарија на гостите, а воедно презентираа колку го совладале српскиот јазик.