Куманово обезбеди средства за поставување фотоволтаици за четири средни училишта во градот, соопштија надлежните.
Фотоволтаици ќе бидат поставени на училишните објекти на гимназијата „Гоце Делчев“, средното училиште „Наце Буѓони“, на двата објекти на средното стручно училиште „Перо Наков“ и на објектот каде наставата се изведува на македонски и на објектот каде наставата се изведува на албански наставен јазик.
– Опремата е донесена, се чека на постапки за одобрување на завршување, до крајот на годината или до јануари, идната година ќе бидат инсталирани. Средствата ни се обезбедени во буџетот и ќе бидат искористени и ќе создадеме заштеда во потрошувачката на електичната енергија и ќе добиеме ефтина енергија, бидејќи веќе имаме две инвестици во две основни училишта и позитивен е ефектот. Следната година би сакале да прошириме во ваков дел на инвестиции, изјави градоначалникот, Максим Димитриевски.
Тој вели дека интенција на општината е да постави што е можно повеќе фотоволатици на објектите кои се под надлежност на општината, но додава дека инвестицијата е скапа.
– Доколку имаме средства и доколку би имале средстава ние би поставиле фотоволтаици на сите јавни објекти и институции во градот под надлежност на општината. Но, сепак се работи за скапа инвестиција, изјави Димитриевски.
Зголемените цени на енергенсите го зголемија интересот за поставување фотоволтаици и кај домаќинствата и кај приватниот сектор. Во Куманово поведена е постапка за поставување фотоволтаични централи на иницијативи на приватни лица во село Речица, во село Табановце, вон плански опфат на село Биљановце, вон градежен реон на Куманово.
МИА