Текст и фото: Влада на Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорката на Австралија за Република Македонија, која го завршува својот мандат, Џулија Фини.
Амбасадорката Фини даде поддршка на интеграциските процеси на Република Македонија, што отвораат можности за поквалитетен живот за граѓаните во нашата држава.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната соработка помеѓу Македонија и Австралија, посебно во делот на инвестициите и економијата.
-Перспективите што ги отворивме, со поканата за пристапни преговори за НАТО и најавениот датум за почеток на преговори со ЕУ, значат шанси за економски развој на Македонија и подобар животен стандард за граѓаните. Веќе има бројни инвестиции за коишто имаме потпишано договори, или сме во фаза на договарање, што значи повеќе работни места за граѓаните, како и повисоки плати. Македонија и Австралија ги поврзува дијаспората, но и одличното пријателство и постојат услови да се развие економската соработка од заеднички интерес, рече премиерот Заев.


