Средба на министерот Спасовски со Сер Стјуарт Пич

Сподели со своите пријатели

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, на која присуствуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство, Н.Е. Метју Лосон.

Loading...

На средбата од страна на министерот Спасовски беше изразена посебна благодарност до Обединетото Кралство за континуираната активна поддршка во справување со предизвиците и остварување на стратешките цели на Република Северна Македонија што резултираше со членството во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ. Посебно, според Спасовски, максималната посветеност во градењето на партнерство резултираше со успешни реформски процеси на МВР и воопшто, на безбедносните служби, како и во делот на јакнење на капацитети на Министерството.

Специјалниот претставник за Западен Балкан, Пич, упатувајќи честитки за потпишаниот Договор со ФРОНТЕКС, кој е важен и за безбедноста во Европа, а особено имајќи го предвид фактот што беше потпишан на македонски јазик, ја потврди посветеноста во градењето на партнерски односи помеѓу Обединетото Кралство и Република Северна Македонија со желби и надежи за нивно зацврстување, особено имајќи ги предвид актуелните глобални предизвици, како руската агресија на Украина, енергетската криза, граничната, хибридните напади и сајбер безбедноста и сл., каде секој има потреба од сојузници.

Двајцата соговорници се согласија дека миграцијата е проблем и безбедносен предизвик, а бидејќи криминалот наоѓа нови патишта и форми, соработката во решавање на глобалните безбедносни предизвици е неопходна.

Поаѓајќи од фактот што двете држави делат слични предизвици, беше посочено дека главните цели кон кои се насочени напорите се зачувување на безбедноста на границите и граѓаните, но и хуманиот пристап кон бегалците. Притоа, министерот Спасовски го информираше специјалниот претставник на Обединетото Кралство околу историјатот на Договорот со ФРОНТЕКС, но и за 70 отсто зголемената откривачка функција на полицијата во делот на обидите за нелегално минување на границата од страна на мигрантите, кои најчесто ја користат јужната граница.

За време на средбата беше изразено задоволство од досегашната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, со заедничка увереност за нејзино проширување и зајакнување, како веќе докажани пријатели и партнери.