Средба Ковачевски – Новак: На Европа ѝ е потребна Северна Македонија

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со претседателката на Унгарија, Каталин Новак.

Loading...

На состанокот е изразено очекување дека оваа посета ќе даде поттик за интензивирање на билатералните односи помеѓу двете држави, посебно што ова е прва посета на унгарски претседател на Северна Македонија во последниве 20 години.

Пренесена е јасна порака дека нашата држава може да смета на натамошната поддршка од Унгарија во европските интеграции.

Оценето е дека Република Северна Македонија ѝ е потребна на Европската Унија, во делот на безбедноста и стабилноста, и како држава којашто практикува европски вредности, и чијашто култура е посебна и европска и ќе го збогати европското семејство на народи, држави и култури.

Заеднички е оценето дека европските интеграции на Северна Македонија во Европската Унија се од национално и од стратешко значење, за нашата држава, но и за целиот Западен Балкан и на Европа и затоа е потребен фокус на сите политички субјекти во државата, кон реализацијата на оваа цел.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за гласната поддршка на Унгарија за европските перспективи на Република Северна Македонија, како и за поддршката на проширувањето на ЕУ, како најважна стратешка политика на Европската Унија.

Премиерот Ковачевски нагласи дека за Северна Македонија, зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните надворешно-политички приоритети на земјата и дека Владата е цврсто посветена на дијалогот како механизам за решавање на какви било отворени прашања. Тој посочи и на определеноста на Владата кон спроведување на реформите, што се одвива паралелно со тековното справување со предизвиците од глобалната економско-енергетска криза.

Во однос на претседавањето со ОБСЕ, премиерот Ковачевски изрази уверување дека Северна Македонија ќе придонесе во стабилноста и безбедноста на Европа, во контекст на актуелните случувања поради војната во Украина, при што државата е поставена стопроцентно на линија на надворешните политики на ЕУ.

Loading...

На средбата е оценето дека Северна Македонија и Унгарија имаат добра соработка како НАТО членки, дека се бележи економската соработка со нагорен тренд, како и дека се гледаат можности за натамошен развој на трговските односи, инвестициите, енергетиката, образованието.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност до унгарската претседателка Новак, за донациите и за споделената хуманитарна помош од Унгарија за време на пандемијата.