Постојат непријатни телесни појави или состојби за кои луѓето не сакаат да зборуваат јавно, па интернет пребарувачот е единствениот доктор со потполна дискреција.
Овојпат, наместо популарниот д-р Google, ви откриваме куси одговори на петте „срамни“ прашања за кои луѓето најчесто му се обраќаат нему за помош:
1. Како да доживеам оргазам?
Го глумите оргазмот или навистина го доживувате? Ако никогаш досега не сте доживеале оргазам, истражувањето на сопственото тело е најдобриот пат да дојдете до него.
Најпрво, мора да откриете како самите вие можете да си пружите уживање, пред некој друг да ви го овозможи тоа задоволство.
Притоа, особено важна е и сексуалната комуникација со партнерот.
Љубовниците треба отворено да разговарат за нештата кои ги обожуваат во сексот, бидејќи никој не може да знае што е она што најмногу му одговара на телото и умот на другиот, особено кога е кулминацијата на сексуалното задоволство во прашање.
2. Зошто имам гасови?
Надуеноста е честа појава, и вообичаено е безопасна, ако се игнорира чувството на непријатност со кое е пропратена.
Мошне често, надуеноста ја предизвикуваат одредени прехранбени продукти, кои во дигестивниот систем доведуваат до создавање гасови, а што, пак, не става во многу непријатни и засрамувачки ситуации.
Не е редок случај, надуеноста да настане и поради пребрзо јадење, при што едноставно сте се „наголтале“ воздух.
Кај жените, необјаснивата надуеност може да укажува и на рак на јајниците.
Поради тоа, доколку ги елиминирате сите претходно наведени причини, а и натаму имате симптоми на надуеност, задолжително посетете лекар.
3. Зошто ми смрдат нозете?
Непријатниот мирис на нозете главно е предизвикан од испотените стапала.
Имено, на нормалната флора на човечката кожа егзистира бактерија, која по активирањето на потта, почнува да испушта мириси.
Различните бактерии даваат различни видови на мирис, што е една од причините поради која немаат сите луѓе ист мирис на нозете.
Нештата дополнително може да се влошат доколку личноста со интензивен мирис на потта носи хулахопки или синтетичка облека.
Тоа создава особена непријатност, не само за самата личност, туку и за нејзината околина.
Поради тоа, таквите личности би требало да користат средства против потење, односно неутрализатори на „острите“ мириси на нозете и пазувите.
4. Нормално ли е да имам многу восок во ушите?
Сам по себе, восокот во ушите не е ништо невообичаено.
Сепак, за да го спречите непријатните талози, капнете еднаш неделно по пет капки хидроген пероксид во увото.
Ова во голема мера ќе помогне да се намали создавањето на голема количина на восок, но и за одржување на отворениот ушен канал.
Сепак, при појачано излачување на ушна смола, се препорачува посета на оториноларинголог, кој би можел да го исчисти она што со хидроген пероксид нема да успеете.
5. Зошто ми кркорат цревата?
Разните звуци кои допираат од абдоменот може да бидат безопасни, меѓутоа, исто така, може да укажуваат и на некои мошне сериозни болести.
Така, гласното „кркорење“ на цревата може да се однесува на нетолеранција на лактоза, или, пак, некоја друга намирница (грав, кромид, итн.)
Можеби сте се препиле газирани пијалаци, или, само сте се наголтале воздух за време на ручекот.
Поради брзото темпо на живот и несоодветната исхрана, сè поголем број на луѓе страдаат од синдромот на нервозно дебело црево, а за жал, понекогаш се открива и дека бучавата во цревата е предизвикана од тешко заболување, како што е на пример Кроновиот синдром (воспалителна болест на цревата).
Во секој случај, доколку звуците од вашиот абдомен потраат подолго од еден ден, тоа е знак дека би требало барем да се посоветувате со доктор.
Не грижете се, голема е веројатноста сепак да не ви е ништо.