Во рамки на ЕМПАКТ заедничките акциски денови на Европол во периодот од 27 до 29.01.2017 година беше спроведена регионална оперативна операција – “Western Balkan Action Day 2016” за спречување на нелегалната трговија и криумчарење на оружје и муниција, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Земји учеснички во операцијата биле: Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Естонија, Шпанија, Швајцарија, Шведска, Велика Британија, Белгија, Холандија, Грција и Унгарија, додека на граничните премини биле присутни и претставници од Фронтекс. Во наведениот период се вршеле зајакнати селективни контроли при влез и излез на дел од граничните премини на патници, туристички автобуси и други видови на патнички и товарни моторни возила.
Инаку, на територијата на Република Македонија операцијата била спроведена на граничните премини „Табановце“, „Блаце“ и „Деве Баир“. Притоа, беше извршена контрола и преглед на 128 патнички возила, на 11 товарни возила, на 23 автобуси и на 375 лица.
За координација на акцијата во Европол бил формиран Оперативен координативен центар, во кој, покрај експерти од Европол, присуствувале и претставници од земјите учеснички во акцијата. Од Република Македонија во Оперативниот Центар во Европол активно учествувале двајца претставници од Министерството за внатрешни работи. Координатор на акцијата на национално ниво бил Одделот за криминалистичка полиција. Освен претставници на МВР, во акцијата учествувале и мобилни тимови на Царинската управа на Република Македонија.
За време на операцијата, преку СИЕНА апликацијата, биле разменети 117 пораки од кои примени 96 и испратени 21. Од страна на Република Македонија беа иницирани 13 барања за проверки. Воедно, преку електронската официјална пошта на МВР биле разменети 250 пораки за извршени проверки во рамки на операцијата.