Министерството за внатрешни работи спречи обид за нелегален транспорт на јод при што две лица се уапсени, меѓу кои и едно од Липково.
– На 22.01.2026 околу 03:10 часот на паркинг простор од бензинска пумпа на автопатот Куманово – Скопје, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во БЈБ ги лишија од слобода Б.К (40) од Турција и А.Д.(56) од с.Слупчане, општина Липково, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што појаснуваат од полицијата по преземени мерки, Б.К. е затекнат како од автобусот, со кој патувал од Турција кон Косово, извадил еден пакет кој го предал на А.Д., кој бил со патничко возило „цитроен ц5“ со кумановски регистарски ознаки.
– Откако А.Д. го зел пакетот и го ставил во своето возило, бил запрен од полициските службеници кои извршиле контрола во возилото и при тоа во пакетот е пронајден jод, без соодветна документација (материја за која што за нејзино внесување, чување и продавање подлежи на посебни лиценци издадени од Министерство за здравство), стои во соопштението.
Двете лица, како што додаваат од МВР, се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Никола Ивановски

