Носителот на листата кандидати за пратеници на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата во втората изборна единица, Оливер Спасовски вечерва оствари средба со граѓаните на населбата Карпош каде промовираше дел од мерките за претстојните парламентарни избори закажани за 11 декември.

Во своето обраќање пред присутните Спасовски најави укинување на радиодифузната такса, враќање на ефтината тарифа на електрична енергија секојдневно, а 24 часа во текот на викендот, но најави и три крупни проекти за Куманово и изградба на градинка за дечињата од населбата Карпош.
Целосно решение на проблемот со водоснабдување во Куманово со буџетски средства на Република Македонија, еден проект, вториот проект е изградба на санитарна депонија која што ќе го реши проблемот со сметот во Општина Куманово и третиот проект кој што го најавувам покрај водоснабдувањето и оваа санитарна депонија е да ја завршиме до крај гасификацијата во Куманово, да помогнеме со државни пари да добиеме гас во секое семејство, да имаме можност секој да има услови за еколошко греење. Сакам еден приритетен проект да ветам за населба Карпош, а тоа е изградба на градинка за децата овде во Карпош – рече Спасовски.

Спасовски најави и бенифициран стаж за градежниците и земјоделците, а најави и поголеми субвенции во земјоделството и поддршка на домашните бизниси.
Свое обраќање пред присутните имаше и Лидија Тасевска од редовите на СДСМ која е дел од листата кандидати за пратеници која ја побара поддршката од граѓаните на населбата Карпош на претстојните избори.
Изборите на 11 декември не се обични предвремени парламентарни избори. Тоа се избори на кои нашата коалиција предводена од СДСМ едноставно мора да ја однесе победата заедно со вас граѓаните, затоа што мора Македонија да ја сврти насоката по која што оди веќе 10 години, затоа што веќе 10 години не уназадуваат во секоја сфера од општественото живеење, во здравството, образованието, социјална сфера, одбраната. Да се обединиме, да ја добиеме довербата од секоја ваш жител, да ја добиеме довербата од сите наши роднини, пријатели, соседи, колешки за да победата биде што поубедлива и поголема и да се врати достоинството на сите наши граѓани. Имаме план за живот во Македонија и тој план ќе донесе достоинствен и побогат живот на сите – рече Тасевска.

Мирослав Јовановски од Српска странка кој исто така е дел од листата кандидати за пратеници во втората изборна единица вети реформи во судството.
Немаме каде да се пожалиме затоа што судиите се поставени од власта и работат во интерес на власта. Такви судии после изборите ќе бидат реизбрани, односно сменети, а било кој да направил некој криминал мора да оди во затвор – рече Јовановски.


