Учениците од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово денеска за пет минути биле евакуирани од објектот откако на мејл пристигнала порака за дојава за бомба.
Како што вели директорката Јасмина Спасовска, претходно имало обука и показни вежби како тоа безбедно да се направи.
– Сите се живи и здрави и се надевам во своите домови моментално.имаме присуство на полиција, во ист момент кога пријавивме тука беа припадниците на СВР Куманово, во моментов очекувам да дојде антитерористичка единица. Инспекторот од антитероризам и крим техника ме информираа да го препратам мејлот до СВР Куманово, се надевам дека е лажна и овој пат, вели Спасовска.
Два дена остануваат од оваа прво полугодие, а Спасовска вели дека наместо новогодишна атмосфера, учениците се изложени на страв и трепет.
– Оваа учебно прво полугодие од учебната 2021/2022 ни остануваат уште два дена, наместо да бидат денови за веслба на учениците ги претворивме во денови на хорор, немам соодветен збор, страв, трепет. Ќе размислиме и ќе ги следиме насоките од МВР и СВР дали да продолжиме овие два дена, какви насоки ќе добиеме така ќе постапиме, јас како директор во овој момент и со ваква тежина како дојава за бомба не можам да носам одлука за прекин на наставата, изјави директорката.
Според увидот во мејлот, заканата е испратена како групна порака до осум основни училишта и тоа: „11 Октомври“, „Бајрам Шабани“, „Браќа Миладиновци“, „Браќа Рибар“, „Јероним де Рада“, „Карпош“ во село Умин Дол, „Кирил и Методиј“ во селото Романовце и „Кочо Рацин“.
Во овој момент се чека пристигнување на екипите од антитерористичката единица на МВР.
Никола Ивановски