Советот за безбедност на ОН доби пет нови членки, меѓу нив и Албанија

Сподели со своите пријатели

Советот за безбедност на Обединетите нации доби пет нови непостојани членки откако Албанија, Бразил, Габон, Гана и Обединетите Арапски Емирати официјално стапија на должност, откако добија доволно гласови во јуни.

Loading...

Амбасадорите на тие земји накратко се обратија и ги поставија знамињата на нивните земји покрај знамињата на другите членки на Советот за безбедност на ОН, а потоа се фотографираа заеднички, носејќи заштитни маски и држејќи се на дистанца поради пандемијата на корона вирусот.

Естонија, Нигер, Сент Винсент и Гренадини, Тунис и Виетнам во петокот ги завршија своите мандати.

Албанија за првпат влезе во Советот за безбедност, додека Бразил е член на ова тело по 11 пат.

Габон и Гана трипати биле членки на Советот за безбедност на ОН, а еднаш Обединетите Арапски Емирати.

Повеќе од 50 од 193-те членки на ОН никогаш не биле избрани во Советот за безбедност на ОН од неговото основање во 1946 година.

Советот за безбедност има пет постојани членки со право на вето – Кина, Франција, Русија, Обединетото Кралство и САД и десет непостојани членки.

Претходно Тирана најави дека пристапувањето во Советот за безбедност на ОН ќе биде можност за „подобрување на позицијата на Косово“.

Loading...