Советот на Општина Куманово денеск донесе одлука за суспендирање на деталниот урбанистички план за делот кај Школската амбуланта.
Според постоечкиот детален урбанистички план таму требаше да се изгради повеќекатница за колективно домување, меѓутоа Советот одлучи да го суспендира со образложение дека се крши јавниот интерес.
Станува збор за детален урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. ,,Б. С. Гојчо“, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу бул. „Трета МУБ“, ул. „Перо Чичо“, ул. „Прва Петолетка“ и ул. „Миле Кипра“ – Општина Куманово, (2018-2023) со површина од 3.24ха.
Според градоначалникот Максим Димитриевски во овој опфат се крши јавниот интерес на Гимназијата „Гоце Делчев“ и на Здравствениот дом.
– Со донесениот детален урбанистички план во овој опфат се загрозува јавниот интерес на гимназија „Гоце Делчев“ кадешто учат над 1000 ученици, со дополнително известување дека доколку реализацијата на овој ДУП од страна на општината, бидејќи како што претходно посочи некој од советниците градоначалникот е должен за спроведување на одлуките на Советот и да затоа јас сум тука пред Советот со едно вакво барање да се суспендира еден ваков ДУП. За истиот и јас дополнително во фаза на негова реализација добив поголем број на дополнителни информации и укажувања од страна на надлежни институции во државата коишто ги опфаќа Законот за заштита на јавниот интерес, бидејќи можете да ја релативизирате колку сакате школска амбуланта ама таа е здравствена институција и објект од јавен интерес. Таму одеа своевремено, одат и ќе одат на здравствен преглед сите наши ученици во градот, рече градоначалникот.
Со таквото решение, појаснува градоначалникот, одалеченоста на објектите е на неколку метри, а има сообраќаен пристап од само една страна.
– Ќе треба во иднина општината да купува приватни дворови и да обезбедува пристап меѓу три станбени блока. Од јужната страна, станбениот блок којшто е лоциран наспроти Гимназијата е станбен блок којшто ќе содржи повеќе од 400-тини станбени единици. Дополнително, останатите два ново планирани станбени блока коишто се планираат да се градат или едниот којшто е во постапка согласно предметот којшто го поднеле како барање во еурбанизам содржи 89 станбени блокови плус деловен простор. Дополнително, зад него станбениот блок исто така таков габарит претпоставувам со поголема катност уште поголем број на станбен простор. Тоа се некаде грубо пресметано над 550 нови станбени објекти. И сега јас како градоначалник седам и си поставувам прашање, на таа постоечка инфраструктура дали е возможно да се реализира вакво нешто, физичко е возможно доаѓате, копате, градите дупка, поставувате објекти, но дали е хумано како што тоа го дефинира законот? Не е хумано. Јас не сум експерт, ниту за осенчување, ниту пак за циркулација на воздух, тоа го прават други стручни лица кои прават вештачење за тоа. Но, направивме во нашето јавно претпријатие чисто една симулација на сенки. Значи, гимназија „Гоце Делчев“ не зборувам веќе за здравствениот дом, од сабајле од 10 часот па до заоѓање на сонцето во голема сенка. Претходно овој совет донесе одлука да се постават соларни панели со капацитет 40 мегавата на оваа институција и сега нивната функција утре ќе биде загрозена со ваквото поставување на овие објекти на оваа локација, појасни тој.
Според Димитриевски, доколку денес не беше донесена таква одлука, ќе се одело и на референдумско изјаснување на граѓаните. Во меѓувреме рече дека бил предмет на обид за поткуп.
– Јас немам намера ниту да потпаѓам под туѓи влијанија, ниту пак да дозволам да бидам предмет за обид за поткуп кривично дело коешто беше сторено во обид, а ќе биде процесуирано во момент кога ќе има во оваа држава соодветни луѓе на одговорни места да превземаат дејствија против истите кои навикнале дека со пари можат да направат сѐ. И еден ден ќе има и таква разврска за овој случај, бидејќи имаше можност и потенцијални обиди за корупција, т.е за потплатување и подмитување уште во првата фаза кога беше носена одлуката од страна на советот кадешто се намалува процентот на коефициентот на искористеност на објектите како во овој случај од 50 на 30%, рече тој.
Вчера во јавноста излезе петиција потпишана од 29 граѓани на оваа локација кои бараа од општината да не се суспендира ДУП-от. Според Димитриевски, некој ги довел во заблуда.
– Ги разбирам потписниците на петицијата, жал ми е што некој ги довел во заблуда. Нема да го потпишам, затоа што со потшување на истиот размислувам дали ќе се доведам во состојба да задоволам група на граѓани или да го заштитам јавниот интерес на целиот град кадешто сите наши и ваши деца одат на училиште. Се спомна согласност од јавно претпријатие Водовод, проста математија, кога видов кој се издава согласност се запрепастив. Тие коишто продавале парцели на истите тие коишто градат по Куманово, истите тие потпишуваат согласност, тоа е конфликт на интереси, рече тој.
Дополнителен проблем, вели Димитриевски, е што тој дел од градот има водоводна цефка од 30 сантиметри, а треба да се приклучат четири нови станбени блокови со над 500 живеалишта.
Градоначалникот најавува нов детален урбанистички план, доколку како што рече, не наиде на опструкција од ресорните министерства.
– Дали ќе донесеме ДУП? Да, ќе донесеме доколку во меѓувреме не бидеме опструирани од ресорни министерства коишто даваат согласност. И ќе донесеме идеален ДУП којшто ќе ги задоволи потребите и на сопствениците на земјиштето, но првенствено и јавниот интерес. Но, ако не опструира државата тогаш ќе ја пренесеме тужбата на штета на државата за одлучување во неразумен рок. Знаете, колку правни постапки води општината во коишто надлежните судови не одлучуваат во разумен рок, ниту пак надлежните институции? Сите спорови се изгубени. Правдата е тешка, но доаѓа, рече тој.
Дебатата за оваа точка траеше со часови на денешната седница на Советот на Општина Куманово, која трае веќе скоро 12 часа.
Опозицијата предводена од СДСМ, апелираше да се гласа против одлуката за суспензија, со образложение дека таквата одлука ќе падне на Уставен суд, а во меѓувреме општината ќе добие тужба за отштета од инвеститорите.