Советот на Општина Куманово даде поддршка за барањата на печалбарите од Авганистан и Ирак, на денешната работна средба што се одржа во салата на општината.
На средбата присуствуваа претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, координаторите на советничките листи, како и претставници на граѓани од Куманово кои работеле во странство, од кои сега Управата за јавни приходи бара да платат данок за нивните плати од 2020 година.

На состанокот, претседателката на Советот и советниците ги информираа присутните за надлежностите и ингеренциите на Советот како орган на локалната самоуправа, појаснувајќи ги можностите за институционална поддршка во рамки на локалните овластувања.
Од страна на засегнатите граѓани беа изнесени проблемите со кои се соочуваат, како и конкретни барања упатени до советниците, со цел изнаоѓање соодветни решенија.
Присутните ја оценија средбата како конструктивна и корисна, со отворен дијалог и подготвеност за соработка од двете страни.

Претседателката на Советот и координаторите на советничките групи изразија поддршка за барањата на печалбарите, нагласувајќи дека ќе се заложат за нивно разгледување и решавање во рамки на надлежностите на Советот на Општина Куманово.
Во насока на продолжување на комуникацијата и понатамошна координација, закажана е повторна средба во ист состав, која ќе се одржи во понеделник, на 2 февруари 2026 година.
Никола Ивановски

