„За три и пол години дадов ништо за мојата заедница како советник на СДСМ“, рече денеска советникот Самет Салиевски кој како претставник на ромската заедница ја напушти коалицијата на опозицијата во Советот на Општина Куманово.
Како што рече Салиевски, остануваат уште две седници до крајот на овој мандат, во кои ќе делува самостојно.
– Во иднина јас како Самет Салиевски ќе ја напуштам коалицијата на СДСМ и ќе делувам самостално. Овој мандат што ќе трае ќе дејствувам самостално. Ова е барање од моата ромска заедница, за овие три и пол години дадов ништо за мојата заедница како советник на СДСМ и сметам дека заедницата ќе има нов кандидат, нов советник, уште две седници има, јас не успеав да реализирам што народот бараше од мене, така да мојата политичка кариера завршува со овие две седници, рече Салиевски на денешната седница.
Тој им порача на Ромите во градот во иднина да одат таму каде што ќе им бидат понудени подобри услови.
– Која партија ќе понуди подбри услови таму нека одат, ние сме мала заедница и мора да се бориме да бидеме успешни и да ги реализираме нашите ромски програми. Јас во мојот мандат колку можев се борев за заедницата и народот и максимум дадов напори да се завршат одредени проекти и програми, проблеми, не сакам да говорам за тоа сега. Ќе кажам дека следните две седници ќе делувам самостојно и со тоа ја завшрувам мојата кариера, рече Салиевски.
Инаку Салиевски е долги години претставник на ромската заедница во Советот на Општина Куманово како коалиција на СДСМ.
На последните избори советот доби уште еден член од оваа етничка заедница, боксерот Реџеп Реџеповски кој е дел од коалицијата на Движење ЗНАМ – За наша Македонија.
Никола Ивановски