Пред советниците од Советот на Општина Куманово на утрешната 31. седница на дневниот ред ќе се најдат 24 точки за кои ќе треба да расправаат и да донесат одлука.
Дневниот ред ќе биде отворен со информација за превземени мерки и активности од страна на Полициска станица од општа надлежност Куманово во текот на првото полугодие од 2019 година, а потоа ќе следуваат годишните извештаи за работата на средните училишта за учебната 2018-2019 година, како и за интернатот „Професор Мијалковиќ“ и детската градинка „Ангел Шајче“.
Сепак, точка околу која се очекува најмногу да се спротивстават власта и опозицијата е предлог одлуката за набавка на нови возила за потребите на Општина Куманово.
Советниците ќе ги разгледаат и предлог одлуките за годишни планови за вработување во неколку установи и претпријатија во градот, а тука е и предлог – одлуката за давање на согласност за имплементација на проектот „Реконструкција на спомен соба на Спомен Костурница“.
Седницата започнува во 10:15 часот и истата граѓаните ќе можат да ја следат во живо преку локалната Телевизија „Плус“.

